Прејди на содржината

Ампир

Од Википедија — слободната енциклопедија
Спалната соба на Наполеон во Големиот Тријанон, Версај, Франција.

Ампир (француски: style Empire — „царство, империја“) — историски уметнички стил што се појавил во Франција за време на владеењето на Наполеон Бонапарт (1804 — 1815) и се проширил низ Западна Европа и делумно во Русија во првата третина на XIX век. Главно се применувал во архитектурата, внатрешното уредување и декоративно-применетата уметност. Ампирот претставува последниот од класичните „кралски“ уметнички стилови, кој подоцна бил заменет со уметноста на историзмот, неостиловите и еклектиката во втората половина на XIX век.

Ампирот во сликарството

[уреди | уреди извор]

Во областа на историјата на уметноста, ретко се издвојува ампирското сликарство како посебен стил; почесто, ликовната уметност од ова време се разгледува како дел од неокласицизмот (во Европа) или рускиот класицизам. Меѓутоа, за вистинско ампирско сликарско производство може да се смета творештвото на француските уметници од првата четвртина на XIX век, како што се Енгр (во неговиот раен творечки период), Пижол, Мари Бенуа, Блондел, Викар, Жак-Луј Давид (еден од основоположниците на стилот), Антоан Гро (кој на своите платна ги овековечил победите на Наполеон), Франсоа Жерар и многу други.

За ампирското сликарство карактеристичен е жанрот на портретот. Обично се прикажува аристократ, или поретко — воен командант, облечен според модата на своето време, или — ако е прикажана дама — во псевдоантички облеки. Композицијата е едноставна, личноста има статична поза, а во заднината се присутни типични елементи на неокласицизмот — антички колони, драперии (често црвени) и парковски насади.

Ампирот во архитектурата

[уреди | уреди извор]

Тој претставува малку неочекувано продолжение на идеите вградени во стилот класицизам. Овој стил е под силно влијание од владеењето и стремежите на Наполеон. Не е случајно што и самото негово име потекнува од зборот „император“. Наполеоновата желба била неговата империја да го достигне величието на Римската. Во согласност со тоа, архитектите биле задолжени да го обвијат императорот со сјајот и раскошот на Рим, при што требало да се подражава духот и принципите на античкото време. Веќе не станува збор за вдахновение од античноста, туку за целосно копирање на нејзините материјални облици. Меѓутоа, и покрај стремежите на Наполеон, романтизмот останува најголемата духовна сила на XIX век, и неговата мечтателност успева да ја омекне сувоста на административно наметнатиот ампир.[1]

Во времето на Наполеон немало доволно средства за големи градби. Времето со кое располагал било доволно само за доградување на грчко-римски влезови пред некои од црквите и дворците, како и за изградба на објекти, чии фасади биле украсени со крупни, но зрачни стабилни раногрчки колони, фронтони (со елипсовиден прозорец наместо со слики на легендарни богови), тешки римски розети, лаворови венци и гирланди, релјефни плочи, триумфални порти и спомен-колони. Стилот бил сосема неподобен за фасадите на личните куќи поради неговиот суров сјај и надменост, со влезови како на храмови, а понекогаш и со целосен изглед на грчки храм.

Литература

[уреди | уреди извор]
  • Ампир // Большая советская энциклопедия : [в 30 т.] / гл. ред. А. М. Прохоров. — 3-е изд. — М. : Советская энциклопедия, 1969—1978. (руски)
  • Власов В. Г.. Ампир, или «стиль Империи» // Власов В. Г. Новый энциклопедический словарь изобразительного искусства. В 10 т. Т. I. — СПб.: Азбука-Классика, 2004. — С. 219—229. (руски)
  • Bourgeois E. Le style Empire, ses origines et ses caractères, 1930. (француски)
  1. Ecaterina Oproiu, Tatiana Corvin (1975). Enciclopedia căminului (романски). Editura științifică și enciclopedică. стр. 44 & 45.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]